Во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на м-р Димитар Тренчев
Осигурување магазин: Димитар, опиши ги твоите гледишта за начинот како се станува успешен менаџер во интернационална осигурителна компанија?
Д.Тренчев:Искрено, не би ги двоел компаниите и секторите кога се зборува за градење на успешни менаџери. Улогата на секој менаџер е да води, да се соочува со предизвиците и користејќи го своето искуство и знаење да донесува правилни решенија. И по дефиниција можеби најадекватно менаџерот можете да го препознаете или дефинирате само преку правилноста на неговите одлуки. Се трудам од започнувањето на својата кариера да бидам доследен и коректен по однос на моите барања кон вработените, да им ги пренесам задачите но и знаењата кои ги имам за да им помогнам и во нивниот личен и професионален развој. Бидејќи, доколку знаењата и развојот на вработените одат по нагорна линија, соодветно на тоа ќе се развива и компанијата во која работат. Едноставно, успехот се постигнува единствено со голем труд, несебичност и следење на знаењата и промените кои се случуваат во секторот. Како начин кој сум го согледал по однос на лидерството и размислувањето во контекстот на создавањето на добри менаџери е битен нивниот мајндсет. Да се победи не е секогаш најважно. Да се биде успешен исто така не е најважно. Но како да се планира и како да се подготвуваме е крајно битно и критично во процесот. Тоа значи дека кога ќе се подготвите добро, кога планирате се добро, тогаш прашање на време е кога успехот ќе се појави. Тогаш сами по себе ќе се појават и резултатите. Морате да научите да се организирате самите себе, за да знаете како да ги организирате и другите.
Осигурување магазин:Што мислите за мотивацијата како еден од клучните фактори за подигнување на клучни резултати во работењето? Што е тоа што вработените ги прави подобри односно полоши од останатите? Дали постојат некои правила по однос на тоа како менаџерите да ја имплементираат оваа моќна алатка во работењето?
Д.Тренчев:Мотивацијата односно соодветниот третман на вработените е посебно важен кај услужните дејности. Ова уште повеќе станува релевантно кога вработените имаат директна комуникација со клиентите. Специфично за овие вработени е тоа што мора да остварат подлабока комуникација и да резонираат со доверба која доколку биде добиена ќе се одрази на понатамошната соработка. Најрелевантен пример се осигурителните компании и нивните вработени кои мора добро да бидат искусни, мотивирани, да бидат обучени за професионална комуникација и добро да ги познаваат производите кои ги нудат.
Голем мотиватор за кој поретко се зборува е и самата инклузивноста на вработените во процесите на донесување на одлуки. Сама вклученост во процесот значи и доживување на вработениот како креатор на политиките на компанијата. Или како што би рекол еден од најпознатите германски претрпиемачи, Карл Албрехт:
„Во голема компанија главните директори не може да креираат визија сами, мора да ја развиваат организацијата во констелација на тимови, ако сакаат на површина да излезе талентот на поединците“
Осигурување магазин:Која класа на осигурување во Македонија во иднина
има најголема перспектива?
Д.Тренчев:Најзабележителен производ кои мислам дека треба да се спомене е домаќинското осигурување. Сепак морам да укажам на фактот дека ветуваат и приватното здравствено осигурување, кое со текот на времето се етаблира како производ за кој има доста голем интерес.
Не треба да се изостават и животното осигурување, кое иако е се позастапено во делот на обезбедување на кредити во банкарскиот сектор, сепак луѓето се повеќе покажуваат интерес и за овој производ.
Осигурување магазин:Дали можат да се забележат одредени трендови во овој сектор и како гледате на тие придвижувања на пазарот?
Д.Тренчев:Следејки го трендот, перспективата во иднина дефинитивно ќе се води со фокус на приватно здравствено осигурување, заедно со подобрување и поврзување (пакети) на неколку различни покритија во едно. Во оваа насока можат да бидат вклучени и асистенции.
Забележителни во последен период се и барањата на веќе подобрените пакети во делот на приватно здравствено осигурување како што се потешки операции и покритија за тие ризици.
Осигурување магазин:Што мислиш дека е главен предизвик во секторот?
Она што е предизвик не само во нашиот сектор, туку и насекаде, е имплементацијата на технологијата во секојдневното работење. Дигитализацијата на компаниите зависно од тоа колку брзо се имплементира и прифаќа, може да биде голема конкурентна предност и да направи голема разлика во оптимизацијата на работењето и на процесите. Со развојот на технологијата се наметна потребата од општа дигитализација на сите индустрии кои сакаат да постојат и во иднина. Детално во нашата индустрија во овој момент, дигитализацијата ја гледам како начин за побрза, услуга во реално време и „no paper“ услуга.
Осигурување магазин:Димитар, за крај, што мислите за нашиот портал, за нашата за нашата
идеjа да ја подигнеме свеста за осигурувањето во Македонија?
Д.Тренчев:Морам да признам дека се работи за одлична идеја и реализација. Дополнително одамна лично размислував и увидов дека немаме фокусиран портал на оваа проблематика. Портал кој ќе ги елаборира знаењата и случувањата на овој сектор. Како идеја остава простор и доста место за дополнувања, но сепак вашата цел да ја подигнете свеста е од огромна важност. Подигнувањето на свеста и пристапот до важни информации за осигурувањето како проблематика во секој случај ќе биде бенефит и за клиентите, но и за индустријата. Споделените знаења секогаш водат до поголем напредок и подобрување на работењето и секторот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од ОСИГУРУВАЊЕМАГАЗИН задолжително наведете „Извор: ОСИГУРУВАЊЕМАГАЗИН“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено