Во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на Ристе Глигоровски-Извршен директор на М Брокер АД Скопје
Осигурување магазин: Колку долго се занимавате со осигурителната дејност и што е тоа што беше пресудно вашата кариера да биде токму во оваа дејност?
Ристе Г: Во светот на осигурувањето официјално “запловивме” во 2022 година, но идејата за брокерско друштво се роди многу порано како природна експанзија и дополнување на финансиските услуги кои ги нуди Менаџмент Фајненшл Груп (МФГ), односно групацијата на која припаѓа М Брокер АД Скопје. Но, мојот личен допир со осигурителната индустрија датира уште од раните 2000-ти години како агент за една од тогашните осигурителни компании. Релативно кратко се задржав во тој свет, но љубовта кон оваа индустрија остана да тлее во наредните професионални години и дури сега доаѓа до израз преку М Брокер. Пресудниот момент за продолжување на развојот на мојата кариера во оваа дејност дојде со потребата од личен ангажман и активен развој на уште едно друштво во рамките на Групацијата МФГ, односно по поминати 7 години како Управител на првото онлајн Финансиско друштво М Кеш Македонија, во 2023 година преминувам како Управител на М Брокер АД Скопје.
Осигурување магазин: Мброкер е едно од поновите осигурително брокерски друштва,основано во 2022,од каде идејата да се започне?
Ристе Г:Да, М Брокер е едно од најновите осигурително брокерски друштва, но е и едно од најбрзо растечките со безмалку 200 агенти ширум државата и 4 Продавници за полиси до моментов. Самата идеја се роди некаде во “корона” периодот односно во 2020 година кога направивме анализа на моменталниот пазар на осигурителни услуги и конкретно со фокус на специфичните сегменти од истиот пазар. Впрочем тука дојдовме до сознание дека осигурувањето во финансискиот пазар во Македонија, иако релативно застапено во банките, сепак не беше доволно односно речиси неразвиено меѓу финансиските друштва. Ова ни го стави фокусот во креирање и развивање на специфични продукти кои ќе го надградат корисничкото искуство на граѓаните и генерално ќе го поттикнат нивното размислување во насока на огромните бенефити на осигурувањето и придобивките од истото. Па така, во соработка со големи и стручни професионалци од македонската осигурителна индустрија, како и врвни интернационални осигурителни специјалисти во рамки на МФГ, а паралелно поткрепени и од иновациите во технологијата, креиравме уникатни продукти за финансискиот пазар во Македонија по кој денес М Брокер е препознатлив и прв избор меѓу финансиските друштва.
Овој значаен исчекор ја постави основата за брзиот развој на М Брокер и во останатите класи на осигурување, каде во рамките на само година и половина постигнавме значајни резултати и во 2023-та година се позициониравме во првата половина на најуспешни осигурително брокерски друштва.
Осигурување магазин: Која класа на осигурување во Македонија во иднина има најголема перспектива?
Ристе Г: Прогнозирањето на која класа на осигурување во Македонија има најголема перспектива е комплексно и зависи од многу фактори, вклучувајќи ги пазарните услови, економските трендови, регулаторната средина, но најмногу би кажал од потребите на клиентите. Досега, автоодговорноста била најдоминантна и очекувам така и да остане имајќи ги во предвид порастот на бројот на возила на патиштата, како и регулаторните одредби поврзани со оваа класа. Здравственото осигурување од година в година бележи значителен раст, како и животното осигурување кое зема се поголем замав. Осигурувањето на имот е нешто кое сметам дека во иднина уште повеќе ќе се развива, иако и сега е меѓу најзастапените класи, бидејќи покрај физичките лица, малите и средните компании кои се срцевината на економијата во Македонија се почесто ја гледаат својата финансиска сигурност преку осигурувањето на својот имот и стануваат свесни за потребата и бенефитите од ваков тип на осигурување.
Од класите пак, кои се неразвиени или релативно недоволно застапени во моментов, сметам дека сајбер осигурувањето е на пат во иднина да стане тренд во осигурувањето имајќи ги во предвид дигитализацијата во сите области од економијата проследени со сѐ почести сајбер напади и губитоци во работењето поврзани со нив.
Осигурување магазин: Дали се во припрема нови производи?На што ќе биде ставен фокусот наредиот период?
Ристе Г: Секако! Покрај нови финансиски ориентирани продукти, во моментов, во соработка заедно со една од најголемите осигурителни компании во Македонија развиваме нов продукт кој ќе одговори на потребите конкретно на физичките лица во сегментот на домаќинското осигурување. Иновативниот пристап кој го применуваме е поткрепен од неколку годишно истражување на странските пазари и соодветно адаптирање на моменталните потреби на нашиот пазар. Леснотијата при изборот на една од опциите на овој продукт, како и соодносот на цена и придобивки, верувам дека дополнително ќе придонесе во развивање на самосвеста кај граѓаните и потребата секој сопственик да го “осигура својот свет”. И секако нашиот фокус ќе остане, осигурувањето да стане нормална практика во секојдневието на физичките и правните лица, односно да го подигнеме нивото на свеста за неопходноста од осигурувањето како во развиените земји.
Осигурување магазин: Што мислите за конкуренцијата на пазарот?Со оглед на тоа дека сте една од поновите друштва на пазарот,како се справувате со конкурентрноста,кои се предностите кои ги нуди Мброкер?
Ристе Г: Јас секогаш велам дека конкуренцијата е здрава работа! Поттикнува иновативност и креира нови идеи кои ако успешно се пласираат на пазарот доведуваат до промени во целата индустрија. Па така и тука, М Брокер со својот пионерски пристап во осигурувањето кај финансиските друштва и пласирањето на иновативен продукт поттикна развој на пазарот.
Иако осигурителниот пазар е доста конурентен, сепак брокерскиот пазар е уште повисоко конкурентен пазар, што нѐ натера да размислуваме како да имаме компетитивна предност пред останатите уште пред основањето на М Брокер и истото го најдовме и реализиравме во подготовка и градење на широко развиена национална инфраструктура и мрежа на агенти. Нашата предност е во младешката енергија и детската љубопитност, но пред се во човечноста или постулатите кои се темел на нашата Групација! Овие три нешта се длабоко инкорпорирани во силен тим од стручни и енергични вработени кои секојдневно изненадуваат со своите резултати и тим кој од ден на ден станува се поголем и посилен.
Осигурување магазин: На што треба да внимаваат клиентите при избор на брокер и полиса за осигурување?
Ристе Г: Брокерите, по дефиниција, секогаш треба да ги заштитуваат интересите на клиентите. И тоа е генерално така, се додека не се случи штета каде очекувањата на клиентот драстично ги надминуваат реалните услови што ги нуди самата полиса која ја купил. Ова е најчестата заблуда кај клиентите и воедно најчестата причина да се чувствуваат изиграни при настаната штета, што пак допринесува до намалена или изгубена доверба во осигурувањето. Па така би кажал дека клиентите треба да внимаваат на “малите букви” во понудата и да постават директно прашање до брокерот со сликовит пример за потенцијален ризик или што ако ми се случи тоа-и-тоа? А должноста на брокерот е да одговори на сите тие прашања и да се обиде истите сомнежи кај клиентот да ги покрие со креирање на најсоодветната понуда во поглед на вклучени ризици и цена за полисата. На овој начин клиентот би имал целосна доверба во продуктот за кој плаќа.
Ние во М Брокер се грижиме секој клиент да добие минимум 3 понуди од различни осигурителни компании и на тој начин со едната понуда се обидуваме да ги исполниме очекувањата на клиентот, со втората да ги намалиме и со третата да ги надминеме истите. Ова го правиме со цел клиентот да може да донесе информирана одлука при изборот на полиса и осигурителна компанија на која ќе се довери.
Осигурување магазин: Каков вид на квалитети за работа барате во вработените и што тие добиваат од М Брокер?
Ристе Г: Од сите квалитети за работа, би го издвоил исправниот или позитивниот став и енергија. Тоа е она кое не може да се научи, туку едноставно го имаш или го немаш. Доколку работникот го има правиот став и енергија, успешно ќе се исправи пред било каков предизвик со поддршката од компанијата.
М Брокер досега инвестираше во повеќе од 10-тина вакви вработени кои сега се веќе лиценцирани брокери и кои активно и успешно управуваат сопствено портфолио. Имајќи во предвид дека сме млада и енергична компанија истите овие вработени имаат можност својот потенцијал и кариера да ги развиваат и растат заедно со неа. Паралелно привлековме значајни кадри со повеќегодишно искуство во оваа индустрија и на тој начин успеавме да го споиме најдоброто од двата света, односно да креираме синергија меѓу искуството и амбицијата. Генерално, М Брокер нуди можност за развој во една современа и динамична атмосфера без разлика во која фаза од кариерата се наоѓа работникот. Важно е да биде тимски играч, да сака да се надградува и да не се задоволува со статус-кво.
Осигурување магазин: Ристе за крај,што мислите за нашиот портал,за нашата идеjа да ја подигнеме свеста за осигурувањето во Македонија?
Ристе Г: Порталот има потенцијал да биде главен извор на информации при избор на клиентите. Ова не го мислам од комерцијален аспект, туку место од каде следниот потенцијален клиент ќе може да се информира за се што е поврзано со продуктите за кои е заинтересиран, како и самите компании кои ги нудат, но и одблиску да се запознае со луѓето кои ги водат и движат овие компании, пред да донесе одлука со која компанија ќе потпише договор.
Верувам дека со поголема присутност на социјалните мрежи ќе успеете повеќе да допрете до следните decision maker-и, односно младите, а на нас ќе остане да ве поткрепуваме во секој чекор со нови и информативни содржини. На тој начин сите заедно ќе допринесеме да се подигне свеста за осигурувањето. Со други зборови, продолжете смело во афирмацијата! 😊
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од ОСИГУРУВАЊЕМАГАЗИН задолжително наведете „Извор: ОСИГУРУВАЊЕМАГАЗИН“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено